
Божиновска: Првата Гаранција за потекло на зелена енергија е чекор кон европски енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска соопшти дека е доделена првата Гаранција за потекло на електрична енергија произведена од обновливи извори во Македонија. Овој значаен чекор го означи заедно со Македонскиот оператор на електричниот пазар (МЕМО), со што официјално започнува нова енергетска ера во земјава.

Првите сертификати се доделени на АД ЕСМ за електрична енергија добиена од хидроелектрани, а според Божиновска, ова е само почеток на долгорочен процес кој ќе резултира со многу нови зелени сертификати.

„Горда сум што после години институционален застој, ја активиравме платформата за транспарентно и одржливо следење на потеклото на електричната енергија што ја користиме. Ова значи доверба, конкурентност и зелена иднина,“ истакна министерката.

Божиновска доби и благодарница од МЕМО за нејзината посветеност во воспоставувањето на системот за Гаранција за потекло. Според неа, оваа иницијатива ја приближува Македонија кон целосно усогласен, зелен и транспарентен енергетски пазар по европски стандарди.