
Екс премиерот Љубчо Георгиевски дојде во судот во Битола да даде поддршка на „Блгаринот“ Љупчо Горгиевски
И екс премиерот Љубчо Георгиевски е горд ванчомихајловист и дојде во Основниот суд во Битола да сведочи во одбрана на како што рече имењакот Љупчо Горгиевски во судскиот процес покренат за спорните Фејсбук статусите на сега згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.
„Етикета е дека Иван Михајлов е фашист, таа етикета е залепена од бугарската комунистичка партија и преземена од македонските комунисти. Тогаш било лесно да се декларираш како фашист, но Иван никогаш за себе не кажал дека е фашист… Јас се доживувам како ванчомихајловист и сум единствен премиер после 1945 година кој му ги врати имотите на Евреите во Македонија“, рече сведокот Георгиевски пред судот во Битола, велејќи дека „посебно ме заболе идејата, на Иван Михајлов да му се прилепи антиеврејска политика“, па наброја неколку примери за спасување на Евреите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Владимир Куртев како близок соработник на Михајлов.
Судењето против Љупчо Ѓоргиевски го покрена Основното јавно обвинителство Битола за кривични дела поврзани со предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Обвинението го застапување обвинителката Оливера Нечаковска.
На денешното судење единствено се сослуша сведокот на одбраната поранешниот премиер на владата Георгиевски, но во судот како поддршка за обвинетиот Љупчо дојде и актуелниот бугарски амбасадор во нашата држава Жељазко Радуков кој за цело време на судењето беше пред судот во Битола. Внатре во судницата, пак, имаше околу двесетина поддржувачи на обвинетиот. Процесот го следеше генералниот конзул на Бугарскиот конзулат во Битола Никоја Димитров, кој за прв пат дојде на судењето, секретарот на конзулатот Илијан Крустев, членови на новото бугарско здружение „Балкански мост“ како и приврзаници на сега згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Завршните зборови ги слушаа и новинари од бугарски национални медиуми.
Бугарските дипломати и другите поддржувачи на обвинетиот во судницата со аплауз реагираа кога сведокот Георгиевски запрашан од обвинителството дали е можно некој да сторил кривично дело, а да не му било судено, одговори политички: „Теоретски е можно. Пример за тоа е Тито“. Сведокот зборуваше дека Иван Михајлов бил суден во Бугарија и таму има пресуда за него, а не во Македонија.