
Хрватска е новата Германија за нас: Околу 15.000 Македонци на печалба на Јадранот за плати од 2.100 до 2.800 евра
По завршувањето на пандемијата со корона-вирусот, неколку сезони по ред, најатрактивна дестинација за сезонските работници од Македонија е Хрватска, која полека го зема приматот од Германија, како земја во која одат на печалба нашинците.
Социјалните мрежи се преплавени со огласи за вработување на хрватската ривиера, кои нудат одлични услови за македонскиот стандард и плати речиси исти како и во западните земји на ЕУ. Оваа земја вработува најмногу македонски работници во секторот угостителство, а само во Дубровник има преку 500 угостителски работници од Македонија.
Една агенција за посредување при работа во странство веќе ги однесе првите работници за позициите келнер, помошник во кујна, градежник, тракторист и работник на фарма.
„За оваа сезона, почнувајќи од 1.3.2025 година бараме келнери, шанкери, собарки, готвачи, помошници во кујна и помошник готвач“, стои во огласот.
Друга агенција бара готвач или готвачка за работа на островот Крк во Хрватска за плата од 2.100 до 2.800 евра, во зависност од искуството. Ова се прилично високи плати за македонскиот стандард, со оглед на тоа дека работодавачот плаќа за сместување, работникот има обезбедени оброци и можност за постојано вработување по завршувањето на сезоната.
За работа во ресторан на островот Брач се нуди плата од 1.500 до 1.800 евра за скараџија, 1.000 евра до 1.500 евра за келнер. За помошнички во кујна во Пореч се нудат 1.300 евра, а за готвач и скара-мајстор од 1.500 до 2.000 евра плата.
„За сезоната лето 2025 година за Хрватска ни требаат угостителски работници. За Словенија ни требаат шанкерки, шанкери, келнери, помошници во кујна, пица-мајстор, за Австрија ни требаат девојки за продажба на сладолед, за Албанија готвач. Обезбедено е сместување и храна, плата по договор“, стои во друг оглас.
Професионален бармен од Македонија, кој неколку години по ред работи во Дубровник, вели дека условите за работа се одлични и дека досега не сретнал некој што не е задоволен.
– Во Хрватска има страшен дефицит на угостителски работници и затоа поголемите објекти и компании не можат да си дозволат да се коцкаат со персоналот, кој ќе си замине веднаш ако условите се лоши. Платите се движат помеѓу 1.200 и 2.800 евра.
Каде би заработиле во Македонија толку пари? Оваа сума е без бакшишот од кој живеат работниците, додека платите им остануваат чисти поради платеното сместување и храна. Има многу повеќе од 500 угостителски работници во Макарска, Сплит, Задар, Ријека, Истра, Ровињ и Пореч. Не ги бројам колегите што работат на островите “, истакна угостителски работник кој четири години по ред работи во Хрватска.
Целиот текст може да го проследите на овој линк.