„Ахметизираниот“ Таравари ја промени лентата: ДУИ повеќе не е претставена од криминалци, на кои им е местото зад решетки?!

Македонија, Политика

„ДУИ повеќе не е претставена од криминалци, на кои им е местото зад решетки, во затвор.“ – изјави Арбен Таравари, лидерот на едното од двете крила во Алијансата за Албанците, одговарајќи на прашањето каква ќе биде нивната соработка со ДУИ отсега натаму, откако излегоа од владата. „Експрес“ ги пренесува покарактеристичните искажувања на „ахметизираниот“ Арбен Таравари во ова интервју, дадено за информативниот портал на албански јазик „Национале“.

Дали ДУИ и Али Ахмети имаа удел во вашето заминување од македонската влада?
А.Т.: Не! Одлуката за напуштање на Владата беше едногласна одлука на партиските органи, кои се суверени и независни. Не знам зошто е создадена претставата дека за Алијансата за Албанците секогаш одлучува друга партија!

Дали се потребни предвремени избори?
А.Т.: Изборите се трошок за државата и во принцип не сум за предвремени избори. Но ако не се реши прашањето за застапувањето на Албанците во Владата, тогаш ќе бидат неизбежни предвремените избори.

Национале: Каква ќе биде вашата соработка со ДУИ од сега натаму?,
А.Т.: ДУИ повеќе не е претставена од криминалци, на кои им е местото зад решетки, во затвор. Чесните гласачи на ДУИ се Албанци, кои никогаш не сум имал намера да ги прогласам како виновни, ниту како непожелни за оваа држава. Таква намера немам ниту сега. Партиите се формираат, за да работат за луѓето и е неморално да газиш некого, за да се воздигнеш себеси. Под чистење на ДУИ, не подразбираме чистење на Албанците! И покрај тоа што сум против нив, и покрај фактот дека нашиот најголем политички успех досега е отстранувањето на стариот систем, толку сум бистар и свесен дека чесните и искрени активисти на ДУИ не можат да бидат прогонувани. Главната цел е Алијансата за Албанците да претставува колку е можно повеќе Албанци, пред сè, и секако колку е можно повеќе луѓе од оваа земја. Ќе соработуваме со која било партија што одговара на оваа цел.