Божиновска: Инженерите се двигатели на напредокот и темел на одржливата иднина

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, беше дел од свеченото одбележување на 105-годишнината од формирањето на првото инженерско здружение во Македонија – значаен јубилеј кој го слави придонесот на инженерите кон развојот на државата.

 

„105 години се сведоштво за континуирана визија, труд и знаење низ генерации. Зад секој стабилен мост, секоја функционална енергетска мрежа и секој напредок – стои инженер“, истакна Божиновска во своето обраќање.

Таа нагласи дека инженерите се клучни партнери во енергетската транзиција, модернизацијата и изградбата на одржливи системи. Од хидроцентралите до ветропарковите, од урбаното планирање до дигиталната инфраструктура – сè започнува со инженерска пресметка и визија.

 

„Инженерството мора да остане во срцето на секоја развојна стратегија – бидејќи без вас, напредокот е незамислив“, порача министерката, повикувајќи ги инженерите да бидат ментори, иноватори и лидери во креирањето на иднината.

Свеченоста го одбележа значењето на инженерската професија како еден од главните двигатели на општествениот и економскиот развој на Македонија.