Путин: Идиоти од ЕУ ни воведуваат санкции кои на крајот од денот само на нив им штетат

Свет

Рускиот претседател Владимир Путин вчера одржа состанок со членовите на јавната организација „Бизнис Русија“ во врска со најновиот пакет санкции што ЕУ ги воведува врз Русија.

„Се чини дека нема да го направат ова и она затоа што им штети. Но, тие навистина го прават тоа – идиоти.

Извинете за изразот. Но, што друго можам да кажам? Водечките светски економии паѓаат во рецесија само за да ни наштетат“, рече Путин.

Европската унија одобри нов пакет санкции против Русија, насочени кон нејзината „флота во сенка“ што ја заобиколува забраната за извоз на нафта, а воедно се закани со дополнителни мерки доколку Москва не се согласи на прекин на огнот во Украина, пренесува АФП.

Ова е 17-ти пакет санкции на ЕУ откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година.

Пакетот беше во подготовка дури и пред европските лидери да издадат ново предупредување до Москва како дел од мировните иницијативи предводени од САД.

Дипломатите од сите 27 земји-членки на ЕУ се согласија за новите мерки на состанок во Брисел, потврди полското претседателство со Советот на ЕУ.