Ѓорѓиевски: Скопје е запуштено, но можеме заедно да го промениме

Македонија

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска од Скопскиот Аквадукт испрати силна порака за јавна хигиена, системска грижа и општествена одговорност, учествувајќи во националната акција за чистење „Generalka Weekend 25“.

 

„Скопје никогаш не било во полоша состојба кога станува збор за јавната хигиена“, истакна Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека запуштеноста, дивите депонии и недостатокот на системски однос кон животната средина се слика на долгогодишна негрижа, за која институциите молчат или не дејствуваат. Тој директно ја обвини градоначалничката на Скопје дека не ја извршува својата работа.

Акцијата кај Скопскиот Аквадукт се одржа со учество на бројни јавни личности и институции, меѓу кои и претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, вицепремиерот Изет Меџити, австрискиот амбасадор Мартин Памер, министерката за образование Весна Јаневска и пратеникот Висар Ганиу. Ѓорѓиевски, како претседател на ЗЕЛС, изрази поддршка за иницијативата организирана од здружението „Мен енд Маунтин“, потенцирајќи дека чистата животна средина не е луксуз, туку предуслов за достоинствен живот.

 

„Денешната акција не е само чистење отпад, туку и враќање на вредностите и вниманието кон јавниот простор, кој ни припаѓа на сите“, рече Ѓорѓиевски, посочувајќи дека во Кисела Вода во изминатите три и пол години се расчистени 157 диви депонии, со редовни акции за чистење и вклучување на целата заедница – од администрацијата до учениците.

Според него, „Generalka Weekend“ треба да биде потсетник дека со здружена акција може да се направат вистински и опипливи промени, но дека вистинскиот предизвик започнува по завршувањето на ваквите настани.

„Денес чистиме, но од утре – бараме континуитет, системска грижа и одговорност!“, порача Ѓорѓиевски.