
Почина студентот по дентална медицина од Турција што синоќа беше застрелан во штипско кафуле
Студентот кој синоќа ладнокрвно беше застрелан во кафуле во центарот на Штип им подлегнал на повредите во интензивна нега после неуспешна реанимација, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од болницата. Жртвата имала повеќе прострелни рани во стомакот карлицата и надлактицата. Според нашите информации станува збор за студент по дентална медицина, роден 2000 година, односно имал 25 години. И жртвата и напаѓачот се од Турција.
Нејасни се мотивите за нападот кој ја вознемири македонската јавност. Станот во кој престојувал сега починатиот студент е со зголемено присуство на полициски сили.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршеше увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје.
Напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани.
Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска.
Јавниот обвинител во текот на ноќта издаваше повеќе насоки и наредби за пронаоѓање на сторителот кој е во бегство.
Напаѓачот кој го уби младиот човек осамна на социјалните мрежи на снимки од безбедносните камери. Тој според првичните неофицијални информации е студент од Турција по име Бедри Полат. На видеото се гледа дека ладнокрвно влегува во кафулето и во минување испукува неколку куршуми кон жртвата која седи во кафулето, по што мирно излегува од другата страна. Пукачот е во бегство, а полицијата трага по него, соопшти МВР.