Ѓорѓиевски: Субвенции за санација и поставување нови лифтови во Кисела Вода

Македонија

Општина Кисела Вода распиша два јавни повика за субвенционирање на поправка и санација на постоечките лифтови, како и за поставување нови лифтови во колективни станбени згради. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека со овие мерки се обезбедува директна грижа за жителите и се решаваат долготрајни инфраструктурни проблеми.

 

„Се среќаваме со мајки што секојдневно го носат бебето и количката по неколку ката, со пензионери што ретко излегуваат затоа што немаат како да се симнат, со лица со попреченост кои живеат во изолација поради нефункционални лифтови. Тоа е реалноста што сакаме да ја менуваме“, порача Ѓорѓиевски.

Првиот јавен повик се однесува на санација и поправка на постоечките лифтови. Поддршката ќе изнесува до 30% од вкупната вредност на санацијата, но не повеќе од 200.000 денари по влез, додека вкупниот буџет изнесува 600.000 денари.

 

Вториот повик е наменет за поставување нови лифтови, со поддршка од 50% од вредноста на проектот, но не повеќе од 500.000 денари по влез. За оваа мерка во 2025 година се предвидени 2.000.000 денари.

Право на учество имаат сите влезови со регистрирана заедница на сопственици или избран управител, а средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до исцрпување на буџетот.

Сите детали и потребната документација се достапни на веб страницата на Општина Кисела Вода.