Изет Меџити: Европската еколошка агенда е и борба за достоинство и права на граѓаните

Македонија

Изет Меџити, прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, на средба со комесарот за човекови права на Советот на Европа – фокусот на еколошките реформи и човековите права

 

Кога заштитата на животната средина е испреплетена со човековите права, политиката добива трансформативна димензија.

Ова беше и суштината на мојата средба со г-дин Мајкл О’Флаерти, комесар за човекови права во Советот на Европа, за време на неговата посета на Северна Македонија.

 

Ја истакнав посветеноста на земјата за целосно усогласување на политиките и законодавството со ЕУ во областа на животната средина и климата, преку правни реформи, градење капацитети и инвестиции во одржливи технологии.

Останува голем предизвик поглавјето 27 од преговорите со ЕУ, кое бара големи инвестиции во области како што се инфраструктурата, обновливите извори на енергија и заштитата на природните ресурси и може да бара транзициски периоди.

Се заблагодарив за континуираната поддршка на ЕУ како главен донатор во секторот за животна средина, особено за соларните и ветерните паркови, преминот од јаглен, поврзувањето на гасниот систем со Косово и Србија и управувањето со отпадот и отпадните води.

Оваа поддршка вклучува и големи проекти како што се затворање на диви депонии, регионални системи за управување со отпад во пет региони и изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.

Предизвиците остануваат големи, особено во управувањето со вода и отпад. Акцискиот план за имплементација на Директивата за отпадни води и вода за пиење има вкупен трошок од околу 1,2 милијарди евра и рок за имплементација до 2041 година.

Тој предвидува изградба на 87 пречистителни станици за отпадни води, од кои 16 со напреден терцијарен третман, како и дополнителни инвестиции од околу 300 милиони евра за подобрување на системот за управување со отпад изјави Меџити.