Димитриеска Кочоска: Градиме партнерски однос со бизнис заедницата

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска оствари средба со претставници на домашната бизнис заедница, нагласувајќи дека креирањето на економските политики ќе продолжи да се базира на двонасочна комуникација и активно учество на сите засегнати страни.

 

По обраќањето пред германските инвеститори кои веќе работат во Македонија, Димитриеска – Кочоска се сретна со претседателите на трите највлијателни стопански комори во земјата – Бранко Азески од Стопанската комора, Трајан Ангеловски од Сојузот на стопански комори и Менди Ќура од Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Градиме партнерски однос со целата бизнис заедница – и со домашните и со странските компании. Политиките кои ги креираме се резултат на инклузивен процес. Само таквите мерки може да донесат вистински резултати и придобивки за сите“, изјави министерката.

 

Оваа средба е дел од пошироката стратегија на Министерството за финансии за продлабочување на соработката со приватниот сектор, како и за обезбедување економска стабилност и предвидлива деловна клима.