Коњановски: Пелистер е симбол на обединување и двигател на локалниот развој

Македонија

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на средбата на Советот на засегнатите страни организирана од НП Пелистер, ја истакна важноста на Пелистер како ресурс кој има потенцијал да биде клучен двигател за економскиот развој на регионот.

„Потенцијалите кои ги има Пелистер се огромни, добро познати на сите, но се уште недоволно искористени. Она што го нуди студијата треба да ни помогне да ги согледаме и постојните и скриените можности. Да ги примениме европските искуства и да изградиме еден еколошки и одржлив туризам кој ќе придонесе за развој на целата заедница“, истакна Коњановски.

 

На настанот во салата на Советот на општина Битола беше промовирана новата Студија за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер, финансирана од општината согласно Програмата за туризам. Присуствуваа претставници од НП Пелистер, професори од Факултетот за туризам, советници и љубители на планината.

 

Градоначалникот посочи дека Пелистер не припаѓа само на Битола, туку на целиот регион и оттука произлегува потребата за заедничко делување во насока на негов одржлив развој. Според него, туризмот е ресурс кој може да обезбеди нова економска динамика, но само ако се води грижа за заштитата на природата и вклученоста на локалната заедница.

На средбата беа презентирани и новото лого и веб-страницата на Националниот парк, а директорот Иванчо Тошевски ги изложи предизвиците и плановите за 2025 година, вклучително и воспоставувањето на систем на планински патеки.

Проф. д-р Сашо Коруновки, како еден од авторите на студијата, нагласи дека целта е не само да се промовира туризмот, туку и да се зачуваат вредностите на Пелистер за идните генерации преку одржлива и паметна туристичка понуда.