Ѓорѓиевски: Кисела Вода е горд домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал 2025

Македонија

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на подготвителна активност за Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025, кој за првпат ќе се одржи во Македонија. Тој изрази голема гордост што Кисела Вода е дел од организацијата на најголемиот спортски настан досега одржан во земјата.

„Со особено задоволство денеска учествувам во активност која ја најавува оваа историска спортска манифестација. Нашата општина е целосно подготвена да даде активен придонес во реализацијата на фестивалот“, истакна Ѓорѓиевски.

 

Градоначалникот му се заблагодари на претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димовски, за укажаната чест Кисела Вода да биде дел од настанот и да даде институционална поддршка. Особена симболика, како што додаде, претставува тоа што денешниот настан се одржа во спортската сала на ООУ „Невена Георгиева Дуња“, која ќе биде официјална локација за натпреварите во бадминтон.

 

„Како општина која континуирано вложува во спортот, вложивме во десетици терени, современи сали и спортски комплекси. Токму овие резултати овозможија денес да бидеме дел од ова врвно европско спортско случување“, рече Ѓорѓиевски.

Фестивалот ќе се одржи од 20 до 26 јули и ќе собере околу 4000 учесници од 49 европски земји, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортови. Општина Кисела Вода ќе продолжи со поддршката и ќе остане доследна на својата визија – преку спортот да гради здрави генерации и европска иднина.