Ѓорѓиевски: Ново поврзување во Драчево за подобра патна инфраструктура

СКОПЈЕ

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во населба Драчево интензивно се продолжуваат градежните активности за подобрување на патната инфраструктура. Во моментов се изведува целосно асфалтирање на нова улица, која за првпат овозможува директно поврзување на две значајни сообраќајни артерии – улиците „Румена Хаџипанзова“ и „Киро Фетак“.

Ова ново поврзување е во должина од околу 900 метри и ќе обезбеди големо сообраќајно олеснување за жителите на Драчево, како и за сите кои редовно се движат низ овој дел на општината. Ѓорѓиевски истакна дека зафатот претставува важен чекор напред во унапредувањето на сообраќајната инфраструктура и дека е дел од пошироките напори за модернизација на Кисела Вода.

 

„Ова е само еден од многуте проекти што се реализираат во општината, а нашата цел е да ја трансформираме Кисела Вода во модерна урбана средина со целосно решена инфраструктура и поквалитетен живот за сите жители“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека локалната самоуправа продолжува со реализацијата на инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат животот на сите граѓани.