
Коњановски: Битола со подигнат степен на подготвеност за заштита од пожари и поплави
Кризниот штаб за заштита и спасување на општина Битола, под раководство на градоначалникот Тони Коњановски, денеска одржа седница во проширен состав, на која главен фокус беше раната превенција од пожари и поплави.

На состанокот се анализираше состојбата на Територијалната противпожарна единица – ТППЕ Битола, каде што беа утврдени потребите и евентуалните недостатоци во системот, со цел подобра реакција во случај на пожари, особено имајќи ги предвид најавите за екстремно високи температури во текот на летото. Исто така, беа идентификувани потенцијални ризични точки каде што би можело да избие пожар.

Во делот на превенцијата од поплави, од подрачната единица на Водостопанство – подружница Битолско Поле, информираа дека е исчистена каналска мрежа во должина од 17 километри на територијата на општината.
Коњановски побара сите надлежни институции и јавни претпријатија, вклучени во Кризниот штаб – меѓу кои Македонски шуми, Национален парк Пелистер, Македонија пат, Стрежево, Водовод, Комуналец, Нискоградба, ДЗС и ЦУК – да достават детални податоци за човечките и техничките капацитети со кои располагаат.
Целта е преку целосна слика за подготвеноста, податоците да се сумираат и достават до ЗЕЛС, како дел од националниот систем за координација и навремена реакција при природни непогоди.