
Богојески: Ова е црн ден за Македонија, сплотеноста сега е најважна
Чувствувам неизмерна тага и душевна болка откако ја примив веста за најголемата трагедија во историјата на Македонија! Ова е црн ден за нашата татковина – ден на незамислива болка, која ја делиме сите.
Моите мисли се со семејствата на жртвите, кои во овој момент се соочуваат со ненадоместлива загуба и болка. Жалам од дното на душата за секој изгубен живот, за секоја прекината младешка приказна и за огромната тага што ја носи оваа несреќа. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да го пребродат овој тежок период.
Оваа трагедија е длабока рана за целата нација и потсетник на нашата заедничка морална одговорност да се донесе правда за жртвите и нивните семејства. Кочани денес не е само град – тоа е симбол на нашата колективна тага, но и на обврската што ја носиме како општество.
Ги повикувам сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на погодените семејства и да обезбедат целосна поддршка за сите кои се соочуваат со последиците од оваа несреќа.
Сега не е време за поделби, туку за сплотеност, хуманост и одговорност. Македонија мора да остане обединета во оваа трагедија.
Нека оваа трагедија биде последен потсетник дека човечкиот живот е најголемата вредност и дека мораме да направиме сè за да спречиме вакви катастрофи во иднина. Бог да биде со семејствата на жртвите, со повредените и со целиот македонски народ.
Напиша на facebook Петар Богојески претседател на Македонски концепт