Четири милиони евра инвестиции од есенскиот рок за проекти на општините, голема можност за Битола – изјави Коњановски

Македонија

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, за време на своето учество во „Вечерно шоу со Богдан Илиевски“, во друштво на градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, дискутираше за својот мандат, предизвиците со кои се соочува и тековните проекти и активности што се реализираат во Општина Битола.

„Од есенскиот повик имаме 16 прифатени проекти со комплетна завршена документација, од кои 13 се инфраструктура, изградба на 10 км инфраструктура коловоз, 6 км водоводна инфраструктура и многу улици. Фекална и атмосферска канализација 3 км, меѓутоа имаме и 2 во делот на спортот. Во делот на спортот инвестираме многу, а еден проект користиме да ја докомплетираме јужната трибина на стадионот и центар за спорт и рекреација, во кругот на комплексот Петар Милошевски, една руинирана боксерска сала како што ја знаат Битолчани, која ќе биде повторно наменета за спортови, боречки вештини и бокс, бидејќи имаме победници и шампиони – проект кој ќе значи многу во делот на спортот. Во делот на образование и наука во министерството, енергетска и ефикасна фасада на ОУ „Стив Наумов“ – тоа е од претходниот повик. Тоа е 4 милиони евра инвестиции во тој дел. Што значи тоа за градот, граѓаните, изведувачите – можете сами да процените.“ заокружи Коњановски запрашан за ефективната употреба на проектите добиени од Влада од страна на Општина Битола.

Коњановски запрашан за новиот буџет за 2025 година, тој дополни: „Оваа година имаме рекорден буџет и тоа без овие проекти. 2,570,000,000.00 е вкупниот буџет, од кој оперативниот 1,170,000,000.00 денари од кои 41,8 % е за капитални расходи, т.е. 20 милиони евра.“.

 

„Во фаза сме, до крајот на април, лоциравме 32 проекти. Најголем дел се повторно инфраструктура. Во делот на спортот, десет спортски игралишта ќе ги реконструираме и санираме. Две спортски сали во склоп на училиштата како проекти од една друга влада пред претходната. Шест паркинг простори, бидејќи кубуриме со паркинг места, ново училиште или помал објект кој ќе го надополни предизвикот со училишен простор во „Буковска населба“. Атлетска патека да се надополни стадионот.“ – дополни Коњановски за проекти од делот на спортот со кои Битола ќе аплицира на априлскиот рок за проекти на општините.