
Божиновска: Гаранциите за потекло на електрична енергија ќе го поттикнат изборот на зелена енергија во Македонија
Колеги од Секторот за производство при АД ЕСМ учествуваа на јавната расправа организирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на која беа презентирани правилата за гаранциите за потекло (GOs) на електрична енергија во Македонија. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека овие гаранции ќе овозможат транспарентен и одржлив енергетски пазар и ќе обезбедат јасен доказ за потрошувачите дека користат енергија од обновливи извори.

„Ова не е само техничка реформа – ова е промена која ќе ги поттикне граѓаните и компаниите да избираат зелена енергија“, нагласи Божиновска, додавајќи дека гаранциите за потекло ќе овозможат домашните компании да се натпреваруваат на европскиот пазар, каде што побарувачката за енергија од обновливи извори е се поголема.
Во април, започнува официјалното издавање на гаранциите за потекло, кои ќе бидат достапни само за електроцентрали кои користат обновливи извори и се запишани во Регистарот на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Овој чекор претставува значаен напредок во реализацијата на зелената транзиција во Македонија, која е во согласност со европските стандарди и цели за одржлив енергетски развој.