
Трикови на трговците на кои наседнуваме: Како неосетно трошиме повеќе во маркет
Иако советите како да избегнеме импулсивни купувања се бројни, тоа станува се потешко, поради „снаодливоста“ на трговците кои, во соработка со психолози и проучување на нашите навики и наклонетости, „произведоа“ доста трикови со кои ни вадат парите и картичките од паричниците.
Натписот „распродажа“
Иако излогот вреска „сè на пола цена“, откако ќе влезете во продавницата, јасно ви е дека тоа и не е баш така. Сепак, откако ќе влезете, шансата да купите нешто е поголема.
Големи шопинг колички
Количките не се тука за да ви го олеснат купувањето, туку за да можете да натоварите што е можно повеќе работи (кои вам не ви се ни потребни). Ваквите шопинг корпи со голема димензија се појавија во 30-тите години на минатиот век и тоа со цел повеќе да се потроши.
Свежо печиво на влезот
Свеже печиво, како и цвеќињата, обично се поставени директно до влезот во супермаркетот. Ве мами мирисот на топло печиво? Тоа не е случајно.
Каде е млекото?
Пројдовте низ целиот супермаркет за да купите литар млеко. Ништо необично. Млечните производи и оние кои најчесто ги купуваме, обично се „скриени“ во задниот дел на продавницата за да морате да ги поминете сите полици додека не стигнете до посакуваниот производ. По пат ќе се најде нешто што ќе ви „се фати за око“.
На ниво на очите
Најскапите мајонези и сосови ќе бидат на полицата која е на ниво на вашите очи, за токму нив да ги ставите во вашите колички. Мајонезот кој е поевтин ќе биде на најниската полица. Ова важи за сите видови производи.
На ниво на детските очи
Трговците, се разбира, помислиле и на децата – кои секако се големи потрошувачи. Производите што тие ги сакаат се наоѓаат во нивниот видокруг.
Топли, силни бои
Луѓето ги привлекуваат топли но и силни бои, па трговците за логоа и надворешно уредување ги избираат најчесто црвената, портокаловата и жолтата нијанса. Тоа ќе нè привлече да влеземе во продавница чија внатрешност ќе биде во поладни тонови, бидејќи, со смирувачка зелена, на пример, ќе потрошиме повеќе.
Краткорочна понуда
Знаете што значи кога ќе видите натпис „намалено само уште два дена“? (или намалено до тогаш и тогаш). Тоа е „низок удар“ на потребата нешто да имаме сега и веднаш, и да не пропуштиме шанса.
Слатки, кафенца и ситници додека чекате во ред
Не е чудо што просторот околу касата е преполн со се, од слатки до марамчиња за бришење очила. Овде обично се поставени поевтини артикли на кои не е тешко да потрошите некој денар додека чекате да дојдете на ред за плаќање.