
Димитриеска-Кочоска: Економијата се опоравува, целиме кон раст од 5%
Македонската економија покажува знаци на опоравување и стабилизација, што е резултат на владините економски политики, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа се повика на најновите податоци на Државниот завод за статистика, според кои бруто-домашниот производ (БДП) во последниот квартал од 2024 година забележал раст од 3,2%.
Според Димитриеска-Кочоска, Владата затекнала економија во стагнација, со раст на БДП од 1,2% во првиот квартал и 2,3% во вториот квартал од 2024 година. Затоа биле преземени итни мерки за стабилизација и зацврстување на економијата, со цел создавање основа за одржлив раст.
„Фокусот останува на економските политики што ќе обезбедат засилена економска активност со просечни стапки на раст од 5%. Инвестициите се клучниот елемент на концептот што го избравме и во кој ќе продолжиме да инвестираме и во наредниот период“, нагласи министерката.
Владата очекува позитивните економски трендови да продолжат и во 2025 година, со акцент на поттикнување на домашните и странските инвестиции како двигател на економскиот раст.