
ЕСМ и МЕПСО со заедничка стратегија за стабилен енергетски систем и интеграција на обновливи извори
Раководствата на АД ЕСМ и АД МЕПСО денеска одржаа координативна средба со цел усогласување на стратегиите за развој на преносната електроенергетска мрежа и интеграција на новите производни капацитети од обновливи извори на енергија.

На средбата, АД ЕСМ ги презентираше своите планови за проширување на производното портфолио со нови капацитети од обновливи извори, додека АД МЕПСО ги претстави проектите за зголемување на стабилноста и сигурноста на преносниот систем.

Разгледани се можностите за зголемување на капацитетот на мрежата за приклучување на новите обновливи извори и објектите за складирање енергија. Двете компании разменија информации за тековните и планираните проекти за изградба на нови преносни водови, трансформаторски станици и примената на напредни технологии во преносниот систем.

Оваа координативна средба се оценува како клучна за усогласување на развојните планови на двете компании, со цел обезбедување сигурно и стабилно снабдување со електрична енергија за домаќинствата и стопанството.
ЕСМ и МЕПСО потврдија дека ќе продолжат соработката на оперативно ниво и ќе ги интензивираат активностите за реализација на планираните проекти, со заедничка цел – успешно интегрирање на обновливите извори на енергија и зајакнување на преносната мрежа во пресрет на идните енергетски предизвици.