Божиновска: Јегуновце е пример за одговорно управување со минералните ресурси

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Министерската за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети Општина Јегуновце – регион богат со минерални суровини, кој игра значајна улога во локалниот економски развој.

Во разговор со градоначалникот, Божиновска ја истакна важноста на рударството како двигател на економијата, при што концесионерите вложуваат во модерни технологии и високи стандарди за работа. Таа нагласи дека концесиите носат директни приходи за општината, што овозможува дополнителни инвестиции во локалната заедница.

„Одговорната експлоатација на минералните ресурси е клучна за одржливиот развој. Компаниите мора да работат според највисоките еколошки стандарди за да ја заштитат животната средина, а Министерството останува посветено на транспарентноста и стабилните услови за работа“, изјави Божиновска.

 

Јегуновце се профилира како еден од најзначајните центри за експлоатација на минерални суровини во Македонија, со потенцијал за уште поголем развој во иднина. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи да работи на одржливо искористување на природните богатства во интерес на граѓаните и локалниот економски раст.