Градоначалникот Коњановски со континуирана поддршка за лицата со ретки болести во Битола

Македонија

Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, со повеќе активности го одбележува Меѓународниот ден на ретките болести, демонстрирајќи посветеност кон лицата кои се соочуваат со овие предизвици.

Во рамките на настаните, во ОУ „Коле Канински“ се одржа едукативна трибина „Ретко е да си редок“, каде учениците имаа можност да се запознаат со предизвиците на лицата со ретки болести и да развијат поголема емпатија. На трибината говореа медицински експерти, лица со ретки болести и родители, а присуствуваше и градоначалникот Коњановски, кој ја истакна посветеноста на Општина Битола за поддршка на оваа заедница.

„Општина Битола веќе трета година по ред издвојува по еден милион денари за финансиска помош на лицата со ретки болести, мерка што е системски вклучена во Програмата за социјална заштита. Оваа финансиска поддршка има за цел да ги олесни патните трошоци до болници надвор од Битола и да помогне во секојдневните предизвици на овие лица“, истакна Коњановски.

 

Градоначалникот учествуваше и во настанот што го организираше Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во соработка со здруженијата „Живот со предизвици“ и „Хепар центар“. За да ја зголеми свеста, Саат-кулата во Битола овие денови е осветлена во боите кои симболизираат поддршка за лицата со ретки болести.

Во Битола се регистрирани околу 30 лица со ретки болести, а локалната самоуправа останува посветена на нивната поддршка – и преку финансиска помош, и преку активно учество во нивните иницијативи.