
Се гордеам со мојот кабинет полн со жени – истакна Димитриевска-Кочовска
Министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска, остро одговори на барањата за извинување од страна на Фатмир Битиќи, потенцирајќи дека нејзиниот однос кон жените е јасен и недвосмислен.
„Ниту сум дискредитирала, дискриминирала или ниту било што кон вашата колешка пратеничка. Не сум, но меѓутоа ќе ја преслушате уште еднаш и нејзиното обраќање кон мене, да видите како таа навредуваше. Јас ќе ве прашам, кога јас ја бранев вашата почитувана колешка Славјанка Петровска поради тоа што некој наш во моментот пратеник што стои тука во првиот ред изнесе факти, не лаги, сметав дека не треба да се изнесуваат и ја бранев, каде бевте вие? Кажете ми каде бевте вие тогаш да ја браните? А притоа имавме комуникација или расправија помеѓу маж и жена, па ајде да кажеме имало и некоја дискриминација. Денес, во влада беше и не слушаше тогаш дали неговите колешки ги навредуваа или не ги навредуваа“, истакна министерката.
Димитриевска-Кочовска посочи дека гордо стои зад својот тим составен од жени и дека тоа е доказ за нејзиниот однос кон жените.
„Во однос на тоа каков е мојот однос кон жената, јасно го покажува фактот што целиот мој кабинет е полн со жени. Јас се гордеам што е така и ќе апелирам уште еднаш јавноста да ја преслуша дискусијата што ја имавме утрово јас и Славјанка и да види дали некој некого навредува и од каде тргнале навредите. Притоа таа навреди човек кој во период на опозиција ја бранел, додека нејзините колеги уживаа во владата и по кафани“, дополни министерката, алудирајќи на хипокризијата на поранешниот вицепремиер Битиќи.
Покрај оваа тема, министерката го истакна разорното раководење со економијата во државата во последните неколку години, потенцирајќи дека единствено македонската економија е во буџетски дефицит за разлика од соседните земји.
„Имаме зголемување на дефицитот во континуитет во годините додека сте на власт, речиси до 15 проценти. За сметка на тоа: Косово, БиХ, Србија, Црна Гора и Албанија сите ги имаат овие графикони во минус, односно се консолидирале“, истакна Димитриевска-Кочовска, критикувајќи ги слабите економски политики на претходната власт.