
МНР: Обвинувањата на Филипче се неосновани, државните одлуки се донесени со дипломатска координација
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагираше на изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дадени на денешната прес-конференција. Од МНР оценуваат дека тој изнел „неодговорни и произволни заклучоци“, со кои покажал „недоволно познавање на меѓународната политика“ и ги запоставил суштинските елементи во носењето одлуки со стратешко значење.
Во реакцијата се потенцира дека неодамнешните одлуки на државата во врска со гласањето за резолуции во Генералното собрание на Обединетите нации се резултат на темелни дипломатски анализи, домашни консултации и координација со Соединетите Американски Држави.
„Со нашето гласање ја реафирмиравме цврстата поддршка за Украина и изразивме силна почит, солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за обезбедување траен мир и целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата,“ се наведува во соопштението.
Дополнително, МНР ја истакна континуираната заложба за активна и кредибилна надворешна политика, нагласувајќи дека честите политички средби на највисоко ниво во САД потврдуваат посветеност кон зајакнување на партнерството и европската интеграција. Министерството го обвини СДСМ дека во минатото водел пасивна надворешна политика без јасен став за клучни меѓународни прашања.
„Нашата држава останува посветена на процесот на европска интеграција, што е еден од највисоките надворешнополитички приоритети“, се заклучува во соопштението.