
Сиљановска – Давкова: Регионалната соработка како клуч за економски напредок
Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, оствари разговор со Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка – оперативен орган на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Во фокусот на средбата беше значењето на регионалната економска соработка како предуслов за посилна интеграција во единствениот европски пазар и забрзан пристап кон Европската Унија. Сиљановска – Давкова истакна дека со меѓусебна почит и разбирање, преку конкретни акции, треба да се канализираат заедничките интереси со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните во регионот.
Посебен акцент беше ставен на Планот за раст, кој може позитивно да влијае на динамиката на соработката доколку е придружен со реализација на Реформската агенда. Во тој контекст, Капетановиќ ја поздрави конструктивноста и посветеноста на Македонија кон регионалните иницијативи, како и успешното македонско претседавање со Самитот на ПСЈИЕ.
Соговорниците се согласија дека стабилен, економски силен и добро поврзан регион ќе придонесе кон побрза европска интеграција, создавајќи подобри можности за граѓаните и бизнисите во Југоисточна Европа.