
Сиљановска – Давкова: Време е за крај на војната во Украина
Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, присуствуваше на настанот „Три години одбрана од целосната руска агресија“, организиран од Амбасадата на Украина и Мисијата на Европската Унија.

На настанот се обратија украинската амбасадорка, амбасадорот на ЕУ, високи владини функционери, амбасадори, верски претставници, професори, новинари и активисти. Тие упатија апел за почитување на меѓународното право и повикување на принципите на суверенитет и територијален интегритет загарантирани со Повелбата на ООН.

Во рамки на настанот беше прикажан потресниот украински краткометражен филм „Rock, Paper, Scissors“, како и изложбата „Борбата на Украина за слобода“, чијашто порака за воената пустош и човечките страдања потсетува на „Герника“ на Пикасо.
„Поминаа три години во кои милиони луѓе се најдоа очи в очи со смртта. Три години уништување, непроценливи загуби, реки бегалци и моменти кога изгледаше дека светот е на работ на нуклеарна војна. Време е за соочување со реалноста и за крај на оваа ужасна војна,“ истакна Сиљановска – Давкова.
Таа изрази надеж дека следната година, во истиот простор, ќе се прослави една година мир во Украина, но и загриженост дека многу мировни ветувања низ историјата биле заборавени. Претседателката потсети дека ООН, која доби Нобелова награда за мир, дозволи војна, а Европската заедница, која требаше да гарантира вечен мир, денес сведочи на војна на европско тло.
Нејзината порака беше јасна: време е за правда, мир и крај на страдањата.