Ѓорѓиевски: Соработка со италијански експерти за подобар сообраќај во Кисела Вода

СКОПЈЕ

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, одржа продуктивен состанок со италијанскиот експерт за сообраќај Џовани Ботини, извршен директор на реномираната компанија SYSTEMATICA, како и со професорите од Архитектонскиот факултет, проф. д-р Огнен Марина и проф. д-р Ана Тромбева Гаврилоска. На средбата присуствуваше и советникот за урбанистички прашања, Славе Трпески.

 

Средбата се одржа во рамките на конференцијата „Нееднаквости: Италијанскиот дизајн за подобар живот“, организирана од Амбасадата на Италија и ITA – Italian Trade Agency Skopje, во склоп на глобалниот настан Italian Design Day. Главна тема на дискусијата беа сообраќајните предизвици со кои се соочува Скопје, особено Општина Кисела Вода, како и можностите за воведување модерни и одржливи решенија.

SYSTEMATICA е водечка компанија во областа на транспортното планирање, со искуство во светски мегапроекти во градови како Милано, Рим, Торино, Лос Анџелес и Дубаи. Нивниот пристап вклучува длабока анализа и стратешки планови за создавање функционални и долгорочни решенија. Ѓорѓиевски нагласи дека токму ваквата експертиза е клучна за развојот на поефикасен и модерен транспортен систем во македонските градови.

„Со порастот на бројот на возила, неопходно е да пристапиме со визија и стратешко планирање. Соработката со докажани меѓународни експерти, како тимот на SYSTEMATICA, е чекор напред кон подобар урбан сообраќај и поголем квалитет на живот за нашите граѓани,“ истакна Ѓорѓиевски.

На состанокот беше разгледан и големиот успех на Меѓународниот конкурс за урбанистичко уредување на просторот Расадник, кој е прв ваков конкурс во Македонија од 1965 година. Овој проект предизвика голем интерес во стручните кругови, а жирито беше составено од меѓународни експерти, вклучително и реномиран италијански професор.

Ѓорѓиевски заклучи дека само преку синергија меѓу локалните власти, академската заедница и меѓународните партнери може да се создадат одржливи, паметни и ефикасни решенија кои ќе ја обликуваат иднината на македонските градови.