Божиновска: Вруток останува столб на македонската хидроенергија
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека ХЕЦ Вруток и целиот Мавровски хидросистем се од клучно значење за стабилноста на македонскиот енергетски систем.
„Со инсталирана моќност од 165 MW, Вруток е срцето на македонската хидроенергија. Водата која ја движи оваа електрана се собира од Кораб и Шар Планина преку сложен систем од канали и цевководи долги над 130 километри – вистинско инженерско ремек-дело,“ изјави Божиновска.
Таа нагласи дека, и покрај ниското ниво на Мавровското Езеро, со ефикасно управување, производството во 2024 година било 28% над планот.
„Ревитализацијата во 2014 ја зголеми моќноста за 18 MW, а во план е нова модернизација што ќе донесе поголема стабилност и дополнителни приходи,“ додаде министерката, потенцирајќи дека континуираниот развој на хидроенергијата останува врвен приоритет.
Вруток и Мавровскиот систем се клучни за обновливото производство во Македонија, а иднината, според Божиновска, е во чистите извори на енергија.