
Коњановски: Нови спортски терени за учениците во ОУ „Даме Груев“
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, најави комплетна реконструкција на спортските игралишта во ОУ „Даме Груев“. Со овој проект, старата и оштетена асфалтна подлога, која не е обновена повеќе од 20 години, ќе биде заменета со модерен материјал, со што ќе се создадат подобри услови за спортските активности на учениците.
„Ова е важна инвестиција во подобрување на инфраструктурата во училиштата. Новите спортски терени ќе овозможат квалитетни услови за спорт и рекреација, но и простор за официјални школски натпревари,“ истакна Коњановски.

Проектот предвидува проширување на постоечките игралишта, а во училишниот двор ќе се изградат терени за фудбал, ракомет, тенис, кошарка, одбојка и баскет, како и фитнес зона. Дополнително, ќе биде поставена училница на отворено, каде што учениците ќе можат да следат настава на свеж воздух.

Градоначалникот Коњановски нагласи дека модернизацијата на спортската инфраструктура во училиштата останува приоритет за општината, со цел подобрување на условите за спорт и едукација на младите во Битола.