Ѓорѓиевски: 15 инфраструктурни проекти за модерна и развиена Кисела Вода

СКОПЈЕ

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави значајни инвестиции во локалната инфраструктура преку вториот владин повик за финансирање капитални проекти. Општината поднесе шест целосно подготвени проекти, додека останатите девет се во финална фаза на подготовка и ќе бидат доставени до крајниот рок.

 

„Аплицираме со вкупно 15 капитални проекти кои ќе значат значително подобрување на инфраструктурата во нашата општина. Средствата што ги очекуваме ќе бидат насочени кон изградба, реконструкција и модернизација на улици, патишта, училишта и јавни површини,“ истакна Ѓорѓиевски.

Во првата група поднесени проекти се реконструкција на улици, доградба на училиштето „Невена Георгиева – Дуња“, како и изградба на нови паркинзи и урбани содржини.

Во следната фаза на аплицирање, меѓу клучните проекти се изградба на нова поликлиника, реконструкција на улици во Пинтија, уредување на речното корито на Мала Рада, изградба на спортски сали и нова месна заедница во Пржино.

„Ова се сериозни инвестиции што ќе остават траен белег врз урбаниот развој на Кисела Вода. Секој реконструиран пат, секое ново училиште и секој уреден јавен простор значат подобар квалитет на живот за нашите сограѓани,“ додаде Ѓорѓиевски.

Тој изрази уверување дека Владата ќе ја поддржи оваа иницијатива, бидејќи ваквите проекти се од суштинско значење за унапредување на животниот стандард на граѓаните.