Четири аргументи „за“ нов државен грб – Пишува Роберт Димитриевски

АНАЛИЗА

Со сета должна почит кон актуелниот грб на Република Македонија, кој ја симболизира победата во Втората светска војна и изградбата на современата македонска држава врз антифашистички основи, созреано е времето за промена. Најмалку четири причини одат во прилог на тоа:

 

1. Историски континуитет

Сегашниот грб со мали модификации датира од 27 јули 1946 година и е заснован на амблемот на некогашниот СССР. Но, секоја сериозна држава претендира на историски континуитет, па Македонија не може да биде исклучок ако сака да биде третирана со почит. Дотолку повеќе ако се има предвид нејзиното негирање и прогласување за творба на Тито и на Коминтерната, а не на суверената волја на македонскиот народ изразена со над 25 илјади жртви во Народноослободителната војна. А Македонија нема полесна задача од тоа да се повика на својот историски континуум во поглед на грбот, со оглед на 23. нејзини земски грба со лав од 15. век наваму за кои постои визуелен приказ.

2. Идеолошки дисконтинуитет

Ако веќе се определила за раскин со еднопартискиот систем уште во 1990 година и негова замена со демократски плурализам, ништо пологично од тоа македонската држава да го манифестира тоа и симболично, со промена на грбот дизајниран по урнек на социјалистичките држави од втората половина на 20. век. Тоа го стори Русија уште во 1993 година, заменувајќи го грбот со срп и чекан од 1918 година со враќање на тој од времето на Руското царство со златножолт двоглав орел на црвена основа, па нема зошто Македонија да не го следи примерот на најголемата држава во светот, своевремено бастион на социјализмот/комунизмот во глобални рамки. Впрочем, Македонија непосредно по прогласувањето на независноста го смени знамето со жолта петокрака во горниот лев агол на црвената основа, па промената и на грбот не би била преседан, туку заокружување на идеолошката „диференцијација“.

3. Обединувачки симбол

Официјализирањето на земскиот грб на Македонија со лав на т.н. германски штит не е израз на никаков македонски национализам, туку историска неминовност. Лавот како симбол не е ексклузивитет на Македонците, туку го има и во средновековните грбови на видни албански семејства, а денес е присутен и во грбовите на Тирана, Драч, Елбасан… Според тоа, нема никаква пречка и најголемото малцинство во државава да го прифати како дел од своето културно-историско наследство, за што зборува и академик Александар Матковски, автор на познатото хералдичко дело „Грбовите на Македонија“.

4. Меѓународно прифаќање

Промената на македонскиот државен грб би била прифатена без забелешки и од меѓународниот фактор, од проста причина што лав во грбот имаат многу држави (Чешка, Белгија, Луксембург, Норвешка, Шпанија, Филипини, Данска, Естонија итн.). Не би требало да има ништо против ни Бугарија, со оглед на тоа дека грбот на Македонија со исправен црвен лав на златножолта основа го има на олтарот од црквата во Рилскиот манастир, под тој на Бугарија со жолт лав на црвена заднина, но и со различен облик.

Дебатата за или против нов државен грб не треба да биде заснована на емоции, уште помалку на идеолошко-партиски определби и поделби, туку само и единствено на тоа има или нема историска подлога симболот што ќе ја претставува македонската земја. Историчарите и хералдичарите безмалку едногласно го поддржуваат лавот, а кој може да биде поупатен од нив за оправданоста токму кралот на животните да доминира во грбот на Македонија како векови наназад?