Билетите за Македонија – Велс од 300 до 900 денари

Спорт

На последната седница, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе повеќе важни одлуки, меѓу кои и цените на билетите за првиот домашен натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026.

 

За дуелот помеѓу Македонија и Велс, кој ќе се одигра на 25 март на Националната арена „Тодор Проески“, билетите ќе чинат 300 денари за источна и западна трибина, 400 денари за северна и јужна трибина, додека цената за прва категорија (блок 15, северна трибина) ќе изнесува 900 денари.

ФФМ исто така одлучи дека влезот за натпреварот на женската репрезентација против Косово (21 март) во Тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе биде бесплатен, како и за натпреварите на македонската репрезентација до 19 години против Босна и Херцеговина (23 и 25 март).

Дополнително, беше одобрена распределба на 90.000 евра за женските екипи од Прва ЖМФЛ како дел од солидарната шема на УЕФА Лигата на шампиони за 2023/24, а средствата ќе бидат поделени рамномерно меѓу сите девет екипи од минатата сезона.

Меѓу другите одлуки, ФФМ најави набавка на нова механизација за одржување на терените во Тренинг центарот „Петар Милошевски“, како и зголемување на таксите за координаторите, судиите и делегатите во Детска лига, Прва и Втора МФЛ за 30 проценти.

Исто така, Управниот одбор го повика Здружението на судии да организира Собрание оваа година, по што ќе може да аплицира за членство во ФФМ на Собранието во 2026 година.