
Омерагиќ: Битола е клучен центар за иднината на македонскиот фудбал
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, во „Куќа на фудбалот“ оствари значајна средба со легендите на македонскиот фудбал – Митко Стојковски, Тони Мицевски, Ванчо Мицевски и Сашо Здравевски.
Фокусот на разговорите беше насочен кон фудбалската состојба во Битола и регионот, развојот на младите таленти, како и иднината на ФК Пелистер. Посебно внимание беше посветено на стадионот „Тумбе кафе“, кој се разгледува како потенцијална база за младите македонски репрезентации.
Во соработка со градоначалникот на Битола, ОФС Битола и претседателот Златко Талевски, ФФМ активно работи на планот Битола и „Тумбе кафе“ да бидат домаќини на репрезентацијата на Македонија до 21 година.
Со вакви иницијативи и поддршка од легендите на македонскиот фудбал, минатото и сегашноста се обединуваат за градење на силна фудбалска иднина. Битола, како фудбалски град, со нетрпение го очекува големиот натпревар на 9 септември – Македонија против Италија.