
Муцунски го бодреше Престон Лајонс во Мелбурн
Министерот за надворешни работи и трговија на Македонија, Тимчо Муцунски, присуствуваше на натпревар на Престон Лајонс, еден од најуспешните македонски фудбалски клубови во Австралија.

Во црвено-жолта боја, заедно со македонската заедница во Мелбурн, Муцунски навиваше за тимот кој е симбол на спортскиот дух и гордост на Македонците во Австралија.

„Вистинска чест беше да го бодриме клубот кој ги обединува нашите иселеници и ја негува македонската традиција преку спортот. Престон Лајонс е успешен спортски модел и пример за сплотеност и заедништво“, истакна министерот.

Настанот беше и можност за средба со истакнати стопанственици со македонско потекло, кои со својата поддршка придонесуваат за развојот на клубот и за зајакнување на врските меѓу Македонија и македонската заедница во Австралија.