
Меџити: Владата инвестира 15 милијарди денари во развојот на општините
Владата продолжува со најголемата инвестициска офанзива досега, осигурувајќи дека сите општини ќе добијат финансиска поддршка без оглед на политичките разлики. Обезбедени се 15 милијарди денари за нови капитални инвестиции, со цел подобрување на локалната инфраструктура и условите за живот на граѓаните.
На денешната владина седница беше започната постапката за објавување на вториот јавен повик за финансирање капитални проекти преку Министерството за локална самоуправа. Преку овој механизам, ќе се поддржат општините во реализацијата на значајни проекти кои ќе придонесат за одржлив развој.
Во претходниот повик, 78 општини добија финансиска поддршка за 288 проекти во вкупна вредност од 4,5 милијарди денари, што претставува инвестиција од над 73 милиони евра. Оваа финансиска поддршка е дел од стратешкиот пристап на Владата за рамномерен развој и модернизација на локалните заедници.
Во реализацијата на овие проекти ќе бидат вклучени неколку министерства, меѓу кои Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за спорт, како и Министерството за култура и туризам. Овие институции ќе имаат задача да утврдат критериуми за доделување капитални грантови, со што ќе се осигури транспарентност и ефикасност во распределбата на средствата.
„Ова е голем чекор за развојот на општините и значително подобрување на животот на граѓаните“, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.