Ѓорѓиевски: Кисела Вода станува центар на нови инвестиции

Македонија

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави уште една значајна капитална инвестиција – изградбата на Home Retail Park, првиот и најголем ритејл парк во Македонија. Оваа инвестиција, вредна 15 милиони евра, ќе биде лоцирана во индустриската зона Пинтија, во близина на Стаклара, и ќе се простира на површина од 35.000 м².

Според Ѓорѓиевски, овој проект ќе внесе нова динамика во локалната економија, создавајќи 300 нови работни места и отворајќи 20.000 м² модерен комерцијален простор. Граѓаните ќе имаат можност да најдат сè што им е потребно за својот дом – мебел, домашни апарати, декорации, градинарска и бањска опрема. Покрај тоа, комплексот ќе располага со 600 паркинг места, како и модерни кафетерии и ресторани.

„Вложувањата од ваков обем го потврдуваат фактот дека Кисела Вода станува сè попосакувана дестинација за бизнисите. Ова не е само инвестиција во објект, туку инвестиција во иднината, во подобар начин на живеење и во економскиот раст на нашата општина“, истакна Ѓорѓиевски.

Отворањето на Home Retail Park е предвидено до крајот на 2025 година, а според Ѓорѓиевски, ова е само почеток на поголема трансформација на Кисела Вода во еден од најдинамичните делови на Скопје.