Ѓорѓиевски: Отворени врати за граѓаните, решенија за проблемите

Македонија

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска посвети дел од денот на директни средби и телефонски разговори со сограѓаните, покажувајќи лична посветеност кон решавањето на нивните проблеми.

„Уште од рано утринава сум во мојот кабинет, каде што остварив повеќе од 70 контакти со граѓани кои имале потреба од одредена помош или оставиле свој контакт кај општинските служби,“ изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека барањата на граѓаните се детално забележани и дека веднаш се пристапува кон нивно решавање, во зависност од природата на проблемот. Според него, позитивниот прием од граѓаните е доказ за транспарентноста и достапноста на локалната власт.

„Некои граѓани воопшто немаат проблем, туку сакаат пријателски разговор, споделуваат идеи од кои можат да произлезат нови проекти. Ова е уште еден показател дека нашата посветеност носи резултати,“ додаде тој.

Градоначалникот истакна дека за него најважно е секој граѓанин да биде услушан и да се најде решение за неговиот проблем. Тој најави дека ќе продолжи со ваквата пракса, додавајќи дека „ако треба, ќе бидам тука и утре“.

Со иницијативата за директна комуникација со граѓаните, Ѓорѓиевски потврдува дека отвореноста и достапноста се основни принципи во неговото управување со општината.