
Коњановски: Поддршка за образованието и подобрување на условите во училиштата
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес ја посети СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“, каде што во тек се подготовки за одбележување на значајниот јубилеј – 80 години од одржувањето на првиот час на современ македонски јазик.

За време на посетата, градоначалникот се запозна со реализираните инвестиции и проектите што ја подобруваат наставната средина во училиштето. Како дел од тековните вложувања, извршени се реконструкциски зафати, поставена е нова ограда, набавена е ИКТ опрема и училишен инвентар, а реализирани се и други подобрувања за унапредување на воспитно-образовниот процес.

„Локалната самоуправа останува посветена на поддршката на образованието и создавањето подобри услови за учениците. Ќе продолжиме со инвестиции кои имаат за цел да обезбедат квалитетна наставна средина и современи услови за работа во училиштата“, истакна градоначалникот Коњановски.

Вложувањата во гимназијата, во вкупен износ од 4.406.461 денари, се реализирани со поддршка од Општина Битола и Министерството за образование.
Директорката Лидија Споа го информираше градоначалникот за плановите за идни подобрувања, нагласувајќи дека менаџерскиот тим, заедно со вработените, активно работи на создавање на современа и мотивирачка средина за учениците.
Општина Битола продолжува со поддршката на образовните институции, овозможувајќи инвестиции кои ќе придонесат за квалитетно образование и развој на младите во општината.