ГЕРОСКИ: КОГО КАЗНУВААТ БОЈКОТИРАЧИТЕ?
Не сакам да ви го убивам ентузијазмот пред најавениот бојкот на маркетите в петок, но морам да кажам дека не ми е јасно која е целта на бојкотирачите и кого сакаат тие да казнат:
- маркетите кои држат високи цени на производите?
- маркетите кои остваруваат високи приходи и високи профити?
- неименувани виновници за генералниот пораст на цените?
Прочитајте ја анализата на порталот pari.com.mk и ќе сфатите дека нештата не се така едноставни како што изгледаат.
Така, во последните неколку години највисок пораст на приходите и на профитите имаат синџирите маркети Кипер, КАМ и Стокомак.
Не сум правел анализа на цените на производите во овие маркети, но верувам во општата перцепција дека во нив можат да се купат поевтини производи отколку во маркетите на Веро или Тинекс.
И нормално, као последица на тоа, во маркетите кои држат пониски цени има повеќе муштерии, приходите се поголеми, а со тоа и профитите.
Ако е така, не ми е јасно – зошто граѓаните сакаат да ги казнат маркетите во кои пазаруваат по најниски цени?
И не ми е јасно зошто “алчни профитери” ги нарекуваат маркетите кои нудат производи по најниски цени, а ете, остваруваат најголем раст на профитите?
Или, зошто би биле “алчни профитери” Веро и Тинекс, на пример, кои немаат толку висок раст на профитите и на пазарот се профилираат со некои други вредности со кои ги привлекуваат муштериите?
Ако, пак, овој протест е против поскапувањата на производите воопшто, зарем некој сериозно мисли дека за тоа се виновни “алчните трговци”, а не, на пример, политиките на постојано зголемување на платите (пред се во метастазираната администрација), со што се покренуваат инфлаторните спирали?
Пак ќе речам, не сакам да ви го убивам бојкотирачкиот ентузијазам. Не ми е јасно што ќе донесе бојкотот, но еве го петок, па ќе дознаеме после.
Исто така, сакам да предупредам дека со упатувањето на анализата на pari.com.mk не фаворизирам ниту еден синџир маркети. Со задоволство влегувам и во КАМ, но и во Веро и Тинекс, од неодамна и во Кипер во комшилук. Навраќам и во малите маалски маркети.
Мислам дека сите тие успешно се борат за место на пазарот, поради што Македонија е добро снабдена со стоки за широка потрошувачка.
Напиша Бранко Героски на својот facebook профил.
