БОЖИНОВСКА: ЈА ПРАВИМЕ ЗАКОНСКАТА РАМКА ЗА РАЗВОЈ НА ЕНЕРГЕТИКАТА

Македонија

Во гостување на поткаст на тема „Жените во енергетиката“ министерката за енергетика, рударство и минерални суровини на прашање за работењето на Министерството во изминатиот период го потенцираше правењето на повеќе закони како клучна активност.

„Моментално сме во процес на изработка на четири закони кои се многу важни. Првиот е законот за енергетика на кој работат експерти и имаме помош од Европската Унија и од Енергеската заедница во Виена. Работиме на Законот за обновливи извори на енергија, бидејќи ние сме држава со многу сончеви денови и сакаме да имаме зелена транзиција. Работиме и на законот за минерални суровини и на Законот за геологија.“ истакна Божиновска.

Божиновска открива дека во моментов Министерството работи на поставување на законската рамка, но во исто време контактира и со приватни инвеститори кои сакаат да инвестираат тука, но и со ЕСМ и МЕПСО со кои се прави стратегија како ќе се развива енергетиката на краткорочен и долгорочен период.

На прашање за плановите за развој на енергетскиот сектор за 2025та година, министерката Божиновска потенцира дека во енергетиката се се планира долгорочно, како што е и изградбата на еден енергетски објект за кој се потребни повеќе години. Со донесување на законска регулатива министерката предвидува дека ќе се постави основата на енергетиката и се надева дека тоа ќе биде добро прифатено, како што е големата поддршка од енергетската заедница од Виена со кои се во постојана комуникација.

Во новиот закон за енергетика ќе биде опфатено и складирањето на електрична енергија, како и ќе се отвори дебата за употребата на хидрогенот што значи дека Министерството активно ги следи светските трендови и работи на имплементација на најдобрите практики и решенија за Македонија.