
„Вреди“ за интерпелацијата за Меџити: ДУИ повеќе не ја контролира ниту својата пратеничка група
Со вчерашното гласање, додаваат од владејачката коалиција, првиот вицепремиер и министер Изет Меџити добива дополнителен легитимитет и потврда за својата борба против корумпираното раководство на ДУИ
ДУИ повеќе не ја контролира ниту својата пратеничка група – реагираат од владејачката „Вреди“, алудирајќи на трите гласа поддршка што синоќа во Собранието ги дадоа пратениците на „Европскиот фронт“ за интерпелацијата, која токму оваа пратеничка група, ја поднесе за работата на вицепремиерот и министер Изет Меџити.
„Само тројца пратеници успеаја да гласаат ‘за’ интерпелацијата за Изет Меџити, што е сериозна нефункционалност на ДУИ, сериозно разединување и брз политички распад на ДУИ. Пораките од ДУИ не стигнуваа до никого во меѓународната заедница, а денес не стигнуваат ниту до нивната пратеничка група. Станува сè поочигледно дека дури и членството на ДУИ и пратениците, како и пошироката албанска јавност не ја поддржуваат оваа група која ја узурпира моќта, старата слава на ДУИ и спомените од минатото“,
реагираат од владејачката „Вреди“.
Со вчерашното гласање, додаваат оттаму, Изет Меџити добива дополнителен легитимитет и потврда за својата борба против корумпираното раководство на ДУИ.
„’Вреди’ апелира до сите општествени чинители, но и до сите членови на ДУИ, да ја поддржат борбата за демократија, транспарентност и одговорност, со цел да се спречат понатамошните штетни политики на ова дискредитирано раководство. Единствениот пат за излез од длабоката политичка корумпираност е целосна маргинализација на ова раководство на ДУИ“,додаваат од владејачката коалиција на партиите на Албанците.
Со само три гласа „за“ и 64 „против“ Собранието синоќа ја отфрли интерпелацијата за првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити кој доаѓа од редовите на коалицијата „Вреди“.
Интерпелацијата ја поднесе опозицискиот „Европски фронт“, предводен од ДУИ.