
Коњановски: Бесплатен превоз до Нижеполе и Копанки за зимска магија
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ја истакна важноста на иницијативата за бесплатен превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, која денес успешно ја реализираше својата прва тура.

„Нашата цел е да ги доближиме природните убавини на Битола до сите граѓани, без разлика на возраста или можностите. Денешната акција е потврда за посветеноста на општината да создаде еднакви можности за уживање во зимските активности,“ рече Коњановски, кој лично ги посети скијачките центри и разговараше со граѓаните.

Позитивните реакции од над 100 граѓани кои го искористија превозот, како и посебниот ангажман за здруженијата со попречености, ја покажуваат важноста на ваквите иницијативи за заедницата. Коњановски нагласи дека општината ќе продолжи да вложува во слични активности, со цел да го поттикне активниот начин на живот и да ја промовира природната и туристичка понуда на Битола.