Коњановски: Бадниковата поворка е предвесник на љубовта, радоста и заедништвото

Македонија

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, се обрати пред граѓаните на свечената Бадникова поворка, истакнувајќи ја важноста на заедништвото, љубовта и споделувањето, вредности кои го одржуваат духот на празниците жив.

„Нека ни е за многу години денешниот предвесник на Христовото раѓање – Бадник. Со љубов и радост во срцата, да го дочекаме утрешниот ден, денот на Христовото раѓање, Божиќ. Да си подадеме рака на доверба, почит и љубов,“ порача Коњановски.

Традиционалната поворка, која броеше неколку илјади учесници, започна од плоштадот „Магнолија“, продолжи до црквата „Св. Великомаченик Димитриј“, а заврши на платото пред Офицерскиот дом.

Во рамки на програмата настапија детските црковни хорови, солисти, како и претставниците на детската Евровизија, Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски, кои го воодушевија присутниот народ. Програмата кулминираше со заедничката изведба на песната „Вечниот Бог“.

Коњановски ги повика граѓаните да продолжат да ја одржуваат традицијата и да ги негуваат духовните вредности. Тој истакна дека Бадник е време на мир и подготовка, но и можност за зацврстување на семејните и духовните врски.

„Во очи на Божиќ, со радост ги завршуваме празничните денови од „Зимската приказна“, која оваа година донесе многу среќа, радост и детски насмевки низ Битола,“ додаде тој.

Општина Битола за крај подели над 1000 празнични пакетчиња на најмалите учесници, додавајќи уште еден момент на радост и топлина во овој свечен ден.

Честит Бадник! Нека Божиќ донесе мир, здравје и радост во секој дом!