
Сиљановска-Давкова првиот ден од Новата Година го помина со припадниците на армијата
Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, го помина првиот ден од Новата година со припадниците на 2. пешадиски баталјон на Македонската армија во касарната „Јане Сандански“ во Штип. Настанот, кој традиционално го симболизира блискоста меѓу врвното раководство и Армијата, беше одбележан со претставување на најновото вооружување и дружење со војниците и старешините.
„Континуираната подготвеност и модернизацијата на нашата армија се гаранција за националната безбедност и значаен придонес за глобалниот мир,“ изјави претседателката, нагласувајќи ја важноста на современите доктрини за војување.
Придружувана од Началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, Сиљановска-Давкова изрази особено задоволство од презентацијата на армиските капацитети, нагласувајќи дека армијата не само што ја обезбедува безбедноста на државата, туку и активно придонесува кон решавање на глобалните безбедносни предизвици.
„Мирот нема алтернатива,“ истакна таа, додавајќи дека македонската армија е посветен мировен партнер.
Претседателката посети и симболично уреден простор во касарната – „македонската соба“, која го отсликува богатството на традицијата и културата на земјата. „Оваа соба ја отсликува Македонија во мало, а дружењето со старешините овде е потсетник за нашите вредности и корени,“ изјави Сиљановска-Давкова.
Со оваа посета, претседателката уште еднаш ја потврди својата заложба за поддршка на Армијата, која останува клучен столб на стабилноста, безбедноста и националниот суверенитет.