
Сиљановска-Давкова: Со хуманост и топлина до срцата на малите херои
Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје, каде што со искрена грижа и длабока емпатија се сретна со најмалите херои кои се соочуваат со предизвици во своето здравје.

Со новогодишни подароци, претседателката внесе празнична топлина и радост во нивниот ден, обидувајќи се барем за миг да им ја олесни секојдневната борба. „Најважниот новогодишен подарок за овие деца и нивните семејства е нивното побрзо закрепнување,“ истакна Сиљановска-Давкова.

Особено трогателен момент беше цртежот од малата и талентирана Јана, кој претседателката го доби како подарок. „Овој цртеж ќе ме потсетува на моите нови пријателчиња и на нивната храброст,“ додаде таа.

Сиљановска-Давкова ги охрабри семејствата и персоналот на клиниката, нагласувајќи ја важноста од заедничка поддршка за оние на кои најмногу им е потребна, особено во празничниот период.

„Тие ќе останат во моите мисли и во моето срце како потсетник за празничните вредности и за тоа колку е важно да покажуваме хуманост и солидарност,“ порача претседателката.