
Коњановски: Завршена првата фаза од изградбата на новиот противпожарен дом
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денес направи увид во завршните активности од првата фаза на изградбата на новиот противпожарен дом, кој претставува еден од најзначајните капитални проекти на општината.

Новата зграда, со површина од 1600 м², е дизајнирана според современите стандарди и прописи, обезбедувајќи оптимални услови за функционирање на противпожарната единица што ги покрива општините Битола, Новаци и Могила. Ова ќе значи значителни подобрувања во работните услови за пожарникарите од најстарата противпожарна единица на Балканот.

„Овој проект е доказ за нашата посветеност кон унапредување на инфраструктурата и безбедноста во регионот. Идната градежна сезона продолжуваме со активностите од втората фаза, со цел комплетно завршување на објектот,“ изјави Коњановски.
Новата зграда ќе претставува важен чекор кон подобрување на безбедноста и ефикасноста на противпожарната служба, овозможувајќи им на пожарникарите услови какви што заслужуваат.