
Битола: Обвинителството ја отфрли кривичната пријава за градоначалникот за „Битфест 2024“
Градоначалникот Тони Коњановски не направил ништо незаконски за отворањето на манифестацијата
Основното јавно обвинителство во Битола ја отфрли кривичната пријава против градоначалникот Тони Коњановски, која беше поднесена анонимно, за наводни неправилности во организацијата на отворањето на културното лето „Битфест“.
Во пријавата се бараше испитување на можни незаконски дејства поврзани со организацијата на настанот „Ѕвездена симфонија“. По спроведена предистражна постапка, Обвинителството утврди дека нема докази за злоупотреба на службената положба или други кривични дела кои се гонат по службена должност. Оваа одлука беше потврдена од ОЈО Битола, кои изјавија дека градоначалникот Коњановски не ги прекршил законските прописи.
Културното лето „Битфест“ започна на 3 јули на Градскиот стадион во Битола со голем спектакл. На отворањето настапија познати уметници како Каролина Гочева, српската евровизиска победничка Констракта, „Паркети“, „Суперхикс“ и Камерниот оркестар од Битола. Организацијата на настанот беше доверена на здружението „Мјузик арт“ без јавен повик, што предизвика критики и на крајот резултираше со анонимната кривична пријава.
Летово, Општината Битола објасни дека организацијата е спроведена согласно законите. Здружението „Мјузик арт“ не само што го обезбедило стадионот и Камерниот оркестар, туку и покрило дел од трошоците преку продажба на влезници и спонзорства. Вкупните трошоци за настанот изнесувале 4,3 милиони денари, од кои 1,5 милиони биле обезбедени од Општината, а остатокот од здружението.
На последната седница на Советот на Општина Битола, градоначалникот Коњановски побара извинување од оние кои поднеле пријава со цел, како што рече, да му нанесат штета. Тој го искористи моментот да ги коментира и прашањата на опозицијата околу финансирањето на новогодишната манифестација „Зимска приказна“, потенцирајќи дека нема да дозволи од проектот да се прават „скечеви“.