Коњановски: Битола ја пишува новата зимска приказна

Македонија

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денес ја отвори новата зимска манифестација „Зимска приказна“ на Пелистер, која ја обедини природата, традицијата и заедницата. Со повеќе од 1.000 посетители и учество на над 20 локални производители, настанот претставува голем успех за промоцијата на зимскиот туризам во Битола и околината.

„Ова не е само уште еден настан – ова е симбол на љубовта кон нашата Баба Планина и кон сè што таа претставува за нас. Битола го отвора своето срце за сите љубители на зимата, авантурите и автентичната македонска традиција,“ изјави Коњановски.

Кулминацијата на денот беше отворањето на „Куќа имам на Пелистер“, инспирирана од стиховите на Јонче Христовски, која ќе стане нов симбол на зимските манифестации во регионот.

Од лизгалиштето во центарот на Битола до снежните авантури на Пелистер, оваа иницијатива создаде нови можности за локалните производители и за развој на туризмот.

„Битола станува нова зимска дестинација. Благодарност до Националниот парк Пелистер, локалните производители и сите што помогнаа да ја оживееме оваа идеја. Заедно ја пишуваме новата зимска приказна на Битола,“ додаде Коњановски.

Со планови за проширување на настанот и во наредните години, „Зимска приказна“ има потенцијал да стане централна точка на зимскиот туризам во Македонија.