Александар Николоски: Ќе градиме велосипедски патеки и ќе субвенционираме велосипеди

Македонија

Во борбата со метежот со моторни возила и загадениот воздух, Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, најави две нови мерки кои ќе го намалат сообраќајниот хаос и ќе помогнат во борбата против загадувањето.

– Нови велосипедски патеки – Министерството работи на измени во Правилникот за урбанистичко планирање, кои ќе ги дефинираат правилата за изградба на велосипедски патеки. Ова значи дека инвеститорите ќе бидат обврзани да ги изградат патеките, што ќе ја подобри инфраструктурата за велосипедистите и ќе го реши проблемот со недостатокот на патеки.

– Субвенции за велосипеди – Од почетокот на следната година, Министерството ќе започне со субвенции за купување велосипеди. Оваа мерка е наменета да ги поттикне граѓаните да користат велосипеди како еколошки начин на превоз.

„Со овие мерки, од една страна ќе ја подобриме инфраструктурата за велосипедистите, а од друга, ќе им помогнеме на сите кои сакаат да купат велосипед. Верувам дека овие чекори ќе доведат до почесто користење на велосипеди, побрза комуникација и, секако, поздрава животна средина,“ изјави министерот Николоски по својатасредба со здружението Биди Зелен (Go Green).

Велосипедизмот има клучна улога во намалувањето на сообраќајниот метеж, бидејќи велосипедите не само што земаат помалку простор на патиштата, туку и значително ја намалуваат потребата за автомобили во урбаните области. Истовремено, велосипедите се еколошки транспортни средства кои не произведуваат штетни емисии, што директно придонесува за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на загадувањето. Овие мерки се дел од напорите за создавање поодржлива и поквалитетна животна средина, што е еден од главните приоритети на Министерството за транспорт и врски.